
Сè повеќе Македонци ја насочуваат својата работна сила кон Словенија, напуштајќи ја претходно популарната дестинација – Хрватска.
Со новите измени во Законот за вработување странци, Словенија нуди олеснети процедури за сезонска работа, а платите во одредени сектори достигнуваат и до 3.000 евра.
Зголемен интерес за Словенија
Македонците традиционално работат во Хрватска, особено во угостителскиот и во туристичкиот сектор.
Но, зголемената конкуренција, поскапувањето на животот и ограничувањата во дозволите за работа ги натераа работниците да бараат алтернативи.
Словенија, која има силен економски раст и недостиг на работна сила во повеќе сектори, ја искористи оваа прилика.
Со законските измени, сезонските работници од Македонија побрзо и полесно добиваат дозволи за работа, а условите се подобрени.
Плати кои привлекуваат
Според неофицијални податоци, платите во одредени сектори како градежништво, транспорт и логистика, па дури и угостителство, се движат од 1.800 до 3.000 евра месечно, во зависност од искуството и позицијата.
„Работам во градежништво во Словенија веќе шест месеци и сум многу задоволен. Во Хрватска работев за 1.200 евра, а сега мојата плата е 2.500 евра. Покрај тоа, сместувањето ми е обезбедено, а работните услови се одлични“, вели Кристијан Ѓоргиевски, македонски работник во Љубљана.
Подобри услови, но и предизвици
Иако платите се повисоки, работниците предупредуваат дека темпото на работа е интензивно, а работните часови знаат да бидат долги.
Сепак, повеќето велат дека вреди.
„Се работи напорно, но кога знаеш дека месечно можеш да заработиш двојно повеќе отколку во Македонија или во Хрватска, тоа е голема мотивација“, додава Петар Заов, кој работи во транспортниот сектор во Марибор.
Со новите законски измени и зголемени плати, Словенија станува една од најпривлечните работни дестинации за Македонците.
Додека некои бараат брза заработка, други гледаат можност за подолгорочно вработување и подобар животен стандард.