Во 2021 година, ако се оди според планот, Розалинд Френклин ќе се спушти на Црвената планета за да пребарува хемиски елементи кои упатуваат на некогашно или тековно присуство на живот на Марс, пишува Science Alert.
Новиот ровер на Европската вселенска агенција (ESA) беше именуван по славната британска хемичарка која придонесе за откривање на структурата на ДНК, но не доби заслужено признание за својот придонес.
Науката е запишана во човековите гени
Експертски тим го избра новото име на роверот од повеќе од 36 илјади предлози поднесени од граѓани на 22 земји членки на ESA. Тие сметаа дека името Розалинд Френклин совршено одговара на роверот чија задача ќе биде да бара органски соединенија на Марс.
Нејзиното име е потсетник дека желбата за истражување е запишана во нашите гени. Самата идеја за наука и се што правиме во ESA е всушност во нашите гени, рече инженерот Јан Ворнер, директор на ESA.
Во рамките на мисијата ExoMars 2020, роверот ќе ја истражува почвата и карпите на Марс во близина на екваторот, надевајќи се дека ќе открие знаци на присуство на некогашни или тековни биохемиски процеси.
Роверот Розалинд Френклин ќе биде еден вид на добро опремена мобилна лабораторија. Ќе може да издупчи во длабочина до два метра и да ги анализира прибраните примероци.
Која е Розалинд Френклин
Името Розалинд Френклин е синоним за периодот на пионерски откривања на тајните на молекуларната генетика. Таа ја изгради својата кариера во областа на хемијата и рендгенската кристалографија, но најголемата слава ја стекнува постхумно поради нејзината работа на структурата на ДНК.
За жал, за време на нејзиниот живот, таа не доби големо значително признание од научната заедница, како што беше случај со нејзините машки колеги Џејмс Вотсон, Френсис Крик и Морис Вилкинс, кои за своите откритија на ДНК добија Нобелова награда.
Иако нивната работа – откривањето дека ДНК изгледа како двојна спирала или закривени скали – се темели на нејзиното истражување, нејзиното име се споменува само во одредена фуснота.
Розалинд Френклин почина на 37 години поради рак на јајниците.