Добро размислете дали вашата следна презентација ќе започне со шега
Најголемиот број професионалци, особено луѓето кои се занимаваат со продажба и маркетинг, сакаат да знаат како ефикасно да ги презентираат своите идеи и да бидат убедливи пред својата публика. Многумина би се согласиле дека најлесниот начин за да се придобие вниманието на слушателите е да се биде забавен. Меѓутоа, дали хуморот секогаш резултира со успех?
Авторот на бестселерот Talk Like TED: The 9 Public-Speaking Secret of the World’s Top Minds и тренер за комуникации, Кармин Гаљо, вели дека “хуморот ја ублажува дефанзивноста, правејќи ја вашата публика поотворена за вашата порака. Исто така, прави да изгледате попривлечно, а луѓето пре би сакале да работат или да поддржат некој што им се допаѓа“. Овој совет е повторен од голем број други автори.
На прв поглед, ова звучи исправно. Голем број истражувања покажуваат дека лидерите кои користат хумор можат да го зголемат перформансот на своите вработени и задоволството од работата. Слушањето на нешто смешно или забавно може да го намали стресот, да ги подобри меѓусебните односи, да генерира позитивно расположение и да ја зголеми мотивацијата. Генерално, хуморот создава позитивни последици и за изворот и за публиката.
Сепак, едно истражување објавено во Harvard Business Review сугерира дека придобивките од хуморот не важат исто за мажите и жените. Кога мажите користат хумор во својата презентација, тоа кај слушателите создава перцепција дека станува збор за личност со пивисок статус во рамките на организацијата, со што презентерот добива повисоки оценки за својот перформанс и степен на лидерство. Од друга страна, кога жените додаваат хумор во својата презентација, луѓето сметаат дека презентерот има понизок статус во организацијата и затоа го оценуваат со пониски оценки за перформанс и лидерство.
Овој феномен, истражувачите го поврзуваат со родовите стереотипи кои обично се однесуваат на тоа како мажите и жените треба да се однесуваат на работното место. Стереотипот за мажите е дека се амбициозни, фокусирани и ориентирани кон повисоки достигнувања. Овие очекувања тесно се услогласени со функционалната интерпретација на хуморот.
За разлика од нив, за жените постои стереотип дека се помалку ориентирани кон повисоки достигнувања и се помалку амбициозни, а дополнително од нив се очекува да имаат зголемени семејни одговорности. Бидејќи е потешко да се посвети време и на работата и на семејните обврски, ова создава перцепција дека жените одбираат помалку да се посветат на работата.
Одтаму, користењето на хуморот од страна на жените се толкува како попречено, односно како да се има за цел да се прикрие некоја информација што недостасува.