Германскиот производител на луксузни автомобили Ауди во вторникот објави дека ќе ја укине ноќната смена во фабриката во Инглоштад во контекст на падот на продажбата поради скандалот со лажирање на податоци за емисиите на штетните гасови од дизел автомобилите.
“Намаленото производство во фабриката Инглоштад може да се постигне и без постојана ноќна смена и притоа да се обезбеди економично работење“, велат од Ауди.
Во моментов, моделите A4 и A5 се составуваат во текот на ноќта.
“Работниците кои постојано работеле ноќна смена ќе бидат потребни за новите предизвици кои ги носат новите проекти поврзани со производството на нови автомобили, како што се Audi A3 Лимузина и Ауди A3 Спортбек“, се вели во соопштението.
Укинувањето на ноќните смени ќе опфати околу 450 работници кои работат на лента и во некои други оддели во производство, а од компанијата најавија дека нема да има отпуштања.
Инаку, продажбата на автомобилите на Ауди нагло падна минатата година, по воведувањето на тешки тестови за емисија на гасови (WLTP). Со тоа, оперативната добивка падна за 24 отсто на 3,53 милијарди евра.