Причината поради која функционира е во тоа што размислувањето за некоја работа на емотивен начин доведува до поголема когнитивна флексибилност, вели професорот Кели Херд.
Ако дизајнирате нов производ или маркетинг кампања, кој е подобар извор на креативност: вашиот мозок или вашето срце? Ова прашање беше поставено во една нова студија објавена во Journal of Consumer Research спроведена од страна на Универзитетот во Конектикат и Универзитетот во Илиноис.
Нивниот заклучок е дека изворот на креативноста е во вашето срце. Одтаму, поважно е да размислувате за тоа како вашата публика или корисници ќе се чувствуваат, наместо на тоа како ќе дејствуваат. И штом еднаш го знаете тоа, можете да го промените начинот на размислување со цел да бидете покреативни.
На многу луѓе им се кажува да бидат објективни. “Ти си професионалец, размислувај на објективен начин. Немој да одлучуваш врз база на емоции“, вели Кели Херд, професор на катедрата за маркетинг на Универзитетот во Конектикат.
Но, она што го открива оваа студија е дека емотивниот процес доведува до поголема креативност.
Во серија од пет одделни испитувања, Херд и неговиот истражувачки тим побарале од секојдневните луѓе да ги концептуализираат новите производи, како што се играчки за деца, колички за пазарување за стари лица и нов вкус на чипс наменет за бремени жени. На половина од испитаниците им било наложено да размислуваат за овие проблеми когнитивно – да размислуваат за логични решение, а на другата половина им било кажано да ги затворат очите 30 секунди и да се емпатизираат со крајниот корисник, за да се обидат да почуствуваат низ што поминува тој, уште пред почетокот на дизајнот.
Преку испитувања и задачи, втората група на дизајнери се покажала како покреативна, а идеите кои произлегле од таму не биде помалку практични од тие на логичката група. Со други зборови, нивните креативни идеи не дојдоа на сметка на реализмот.
На пример, кога од двете групи беше побарано да размислат за вкусот на чипсот за бремени жени, когнитивните мислители излегле со вкусови како “сол“ и “BBQ“. Но, сочуствителните мислители размислувале за вкусови како сладолед и кисели краставички, васаби суши и нешто што се нарекува “маргарита за мама“. Овие избори не се случајни бидејќи станува збор за храна од која повеќето бремени жени апстинираат во текот на овие 9 месеци.
Зошто емпатијата е толку ефективна креативна алатка?
Дали кога ќе почнеме да размислуваме за нечии чувства, стануваме погрижливи и работиме понапорно за да најдеме решение? Не, вели Херд. Всушност, студијата ја испита и таа веројатност.
Причината за тоа зошто оваа техника функционира е во тоа што соживувањето или размислувањето за некој на емоционален начин доведува до поголема когнитивна флексибилност, вели Херд.
Според него, когнитивната флексибилност доаѓа кога размислувате за нови идеи и нови информации. Во основа, таа ментална агилност ви помага да размислувате за голем број можности и да ги согледувате идеите пофлексибилно.
Емпатијата всушност ве прави подобри и когнитивно поефикасни, а тоа за мене е многу кул. Ако сакате да ги мотивирате луѓето да бидат покреативни, има многу работи кои треба да се направат за да се постигне таа цел. Не велиме да трошите повеќе време или повеќе енергија, само размислувајте за проблемот на подобар начин, заклучува Херд.
Како да станеме покреативни?
Херд препорачува едноставна практика. Само поминете 30 секунди или една минута размислувајќи за некој друг и како вие би се чувствувале на нивното место – таа личност може да биде било кој, од потенцијален корисник на вашиот иден продукт па се до роднина или пријател за кого треба да купите подарок за Божиќ.