Цели 15 години, Кен Коциенда бил главен софтверски инженер на iPhone, iPad и првиот веб-прелистувач Safari. Работејќи рамо до рамо со Стив Џобс, Коциенда имаше директен увид во начинот на функционирање на најкреативниот претприемачки ум на денешницата.
Во својата книга, тој наведува неколку чекори кои се важни за сите оние кои треба да направат презентација. Стив Џобс, како еден од најефективните презентери, е идеална инспирација и пример за тоа.
Поминете низ секој слајд, секоја реченица и секој потег
Стив Џобс успевал методично да го интернализира материјалот напишан на слајдот. Според Коциенда, “Стив размислувал за тоа какво значење за него има секоја реченица и што таа би можела да значи за публиката. Тоа го правел брзински, користејќи го својот глас, тело и движење за да ги комплетира зборовите“.
Презентациите на “Епл“ не беа ни приближно слични со оние кои ги правеа другите компании. Користејќи минимум текст, многу слики и фрази од само неколку зборови, Џобс успевал совршено да ја пренесе саканата порака. За публиката, минимализмот е повеќе од пожелен. Од друга страна, тоа за говорникот значи повеќе часови вежбање за да знае што сака да каже и како најдобро да го направи тоа.
Повторете ја презентацијата на глас
Стив Џобс го правел тоа како презентацијата навистина да се одвива во тој момент. Тој го менувал гласот во зависност од тоа за што говори, правејќи ги потребните чекори како да презентира пред илјадници луѓе и инвестирајќи многу енергија за најдобро да и ја пренесе својата мисла на публиката. Вежбањето на глас, дури и кога нема никој околу вас, е многу ефикасна техника за подобар тек на вашата презентација.
Побарајте фидбек од колегите
Стив Џобс отсекогаш барал повратни информации од неговиот тим со цел да го подобри секој слајд и секоја реченица. По сослушувањето на коментарите, Џобс ќе продолжел со својата проба внесувајќи се целосно во својата презентација. Тој изгледал како актер на филмски сет, вежбајќи го својот настап одново и одново се додека не биде задоволен од својата изведба.
Чувајте го позитивното расположение
Стив Џобс секогаш кога ќе забележеше мала тензија во својата презентација, знаеше да ја пресече истата со мала доза на добар хумор. Коциенда во својата книга вели дека и покрај тоа што Џобс знаел некогаш да се пошегува, тој секогаш се трудел да биде јасен знаејќи што сака да каже.
Стив Џобс едноставно беше свесен за значајноста на јавното говорење, правејќи ги своите деловни презентации да изгледаат како вистинска театарска претстава.