Американската компанија “Рејнолдс Врап“ бара некој кој сака да патува низ САД во потрага по највкусните ребра. Ако самата помисла дека цело време ќе јадете скара не е доволно мотивирачки фактор, имајте на ум дека компанијата дава и чек од 10.000 долари којшто сигурно ќе ја постигне целта.
Ако не ви е проблем да ги пробате највкусните ребра на скара кои се прават во САД, притоа објавувајќи фотки од вашата храна на социјалните мрежи и заспивајќи со помислата каков ќе биде вкусот на вашиот следен специјалитет, тогаш вие го имате тоа што е потребно за да станете следниот “Извршен директор за скара“ на Рејнолдс Врап, стои во соопштението на компанијата.
Избраниот кандидат ќе има можност да патува низ целата земја во првите две недели од август во потрага по најдобрата скара во Америка. Додека трае патувањето, “Извршниот директор за скара“ ќе биде одговорен за објавување на фотографии од скарата и различните техники за правење скара на веб сајтот на компанијата и на социјалните мрежи.
Тој ќе биде еден вид инфлуенсер за љубителите на ребра.
Работното место вклучува платени трошоци за патување и сместување за вас и за уште еден придружник, па по се изгледа дека најтешкиот дел за кандидатите ќе биде да ја изберат својата придружба.
Заинтересираните кандидати кои сакаат да аплицираат потребно е да достават фотографија од себе како прават скара и во текст од 100 зборови да опишат зошто токму тие би биле најдобриот кандидат за оваа позиција.