Вирусот продрел во уреди низ целиот свет, вклучувајќи ги и САД, Австралија, Велика Британија и некои други делови од Европа.
Нов тип на мобилен злонамерен софтвер кој тајно ги заменува популарните апликации, како што е WhatsApp, веќе инфицирал повеќе од 25 милиони уреди, откриле безбедносните истражувачи.
Именуван “Агент Смит“, по малициозната програма од филмот Матрикс, овој злонамерен вирус ги експлоатира слабостите во оперативниот систем Андроид за автоматски да ги замени инсталираните апликации со други штетни верзии, без корисникот да го забележи тоа.
Новата верзија потоа прикажува лажни реклами за финансиски добивки, но може да се користи и за поопасни цели, како кражба на вашите банкарски податоци или шпионажа преку камера или микрофон.
Вирусот го откриле истражувачите на компанијата Check Point Cyber Security, а најголемиот број жртви на агентот Смит се во Индија, а тоа се околу две третини од сите заразени уреди.
Тие во својот блог пост открија детали за тоа како работи овој малициозен софтвер и напоменаа дека постојат “бескрајни можности“ за хакерите преку “Агент Смит“.
Работејќи заедно со Google, истражувачите велат дека сите малициозни апликации кои содржат злонамерен софтвер се отстранети од Play Store.
Од Google порачуваат корисниците да ги преземаат апликациите од доверливи извори со цел да го намалат ризикот од инфекција бидејќи третите страни често немаат безбедносни мерки потребни за блокирање на апликации кои се оценети како сомнителни.