Дали знаете дека можете да научите како да кодирате, да зборувате шпански или да станете подобри во статистика без да платите ниту денар?
Една од најголемите придобивки на интернетот е огромната количина на информации што ги имаме на располагање во секое време. Без разлика дали имате пет или деведесет и пет години, интернетот има многу што да ви понуди. Особено ако сакате да истражувате и да се едуцирате, ресурсите на интернет се бесконечни. Најдоброто од сè е тоа што многу високо квалитетни сајтови за онлајн курсеви и едукација се потполно бесплатни. Кои се тие?
За полесно да го започнете вашето пребарување, подготвивме 5 онлајн програми кои се потполно бесплатни.
1. Coursera
Coursera.org е еден од водечките провајдери на MOOCs - масивни отворени онлајн курсеви. Оваа веб-страна е партнер со бројни еминентни универзитети и организации од целиот свет, преку кои има пристап до широк спектар на теми и перспективи преку база на податоци што може да се пребарува. Ова му дава на веб-сајтот исклучително широк опсег на курсеви од сите области.
По завршување на некои од Coursera курсевите, може да се стекнете и со сертификат, како доказ за успешно совладување на материјата.
2. edX
Друга одлична опција за бесплатно онлајн образование е edX. Тој нуди целосни онлајн курсеви со наставници, можност за дискусии, квизови и така натаму, но има тенденција да се фокусира само на курсеви по математика, науки и инженеринг. Ако ова е вашето поле на интерс, на вистинското место сте!
3. Udemy
Udemy е онлајн институција која нуди курсеви од водечки експерти. Бесплатните курсеви на Udemy по концептот се слични на оние на Coursera, со тоа што дополнително им овозможува на корисниците да направат custom курсеви од поедини часови. Соработувајќи со врвни професори и образовни институции, Udemy става акцент на содржини со врвен квалитет. Доколку пребарувате низ овој вебсајт, ќе најдете и бесплатна и платена содржина.
4. iTunesU Free Courses
Многу соодветно место за бесплатно онлајн образование е iTunesU, бидејќи беспрекорно се интегрира со било кој мобилен уред на Apple, со превземање на апликацијата iTunesU. Оваа алатка нуди он-лајн курсеви со целосни предавања, можност за фаќање белешки од овие предавања како и „домашни задачи“ доколку сакате да учите дополнително, надвор од часовите. Сепак, курсевите на iTunesU често се мешавина од бесплатни и платени содржини.
5. MIT OpenCourseWare
MIT OpenCourseWare е богатство од материјали од водечкиот Институтот за технологија во Масачусетс. Оваа платформа обезбедува предавања, забелешки од предавањата, домашни задачи, тестови и многу други материјали од реалните курсеви во MIT. MIT OpenCourseWare нуди совршен пакет за вас ако сакате да го проширите вашето знаење од областа на науката, IT технологијата и инженерството.