Сакате да работите во Германија? Прочитајте ги 5-те чекори кои ќе ви помогнат да го остварите вашиот сон!
Според последните податоци на Федералната агенција за вработување, над 470 илјади работни места во Германија стојат непополнети. Од нив, дури 63 илјади се во производствениот сектор, а веднаш потоа следи здравствениот сектор на кој му фалат нешто над 60 илјади вработени. Освен за возачи и медицински сестри, најсилната економија во Европа не може да пронајде и водоинсталатери, како и монтери на клима уреди.
Овие податоци отвораат можност за “гастербајтерите“ од балканските земји бидејќи ова се позициите за кои постои најголем интерес, но и реална шанса за вработување. Па, сакате да работите во Германија? Прочитајте ги 5-те чекори кои ќе ви помогнат да го остварите вашиот сон!
Проверете ги вашите шанси
Пред да се одлучите да барате работа во Германија, проверете дали постои голема побарувачка за вашата професија. Во Германија најмногу се бараат лекари, медицински сестри, инженери, мехатронски техничари, ИТ специјалисти и возачи. За да бидете сигурни дека вашата професија се бара во Германија, посетете ги веб страните на Федералната агенција за вработување, приватните агенции за вработување и порталите каде најчесто се објавуваат огласи за во приватниот сектор.
Признавање на квалификации
За многу работни места може да биде корисно, а за некои е дури неопходно да поседувате стручни и образовни квалификации од матичната земја кои потоа ќе бидат признаени во Германија. Дали вашата диплома ќе биде признаена во Германија може да проверите на веб страната Recognition in Germany.
Барање работа
Во огласите на голем број германски компании е веќе наведено доколку експлицитно се бараат меѓународни специјалисти. Исто така, може да пребарувате на веб страната на Федералната агенција за вработување, како и на страните на водечките портали за барање работа во земјата како: Stepstone, Indeed и Monster. Професионалната мрежа LinkedIn секако дека може да ја олесни вашата потрага, а доколку сте заинтересирани за работа во конкретна компанија, посетете ја нејзината корпоративна веб страна и таму барајте огласи.
Аплицирање
Вашата апликација за работа треба да вклучува мотивациско писмо, CV со фотографија, сертификати и препораки. Пред да аплицирате за одредена позиција, бидете сигурни дека ги поседувате потребните квалификации и истите нагласете ги во мотивациското писмо.
Поднесување на барање за виза
За државјаните од земјите на ЕУ не е потребна виза за работа и престој во Германија. На државјаните од сите други земји им е потребна виза. За виза треба да аплицирате откако ќе добиете договор за вработување од вашиот работодавач во Германија. Тоа го правите со закажување на состанок во германската амбасада. Ако имате квалификации за високо образование кои се признати во Германија, може да добиете шестмесечна виза за да барате работа во земјата.