Радован Рајчин е дел од Van Hool веќе 6 години. Во моментов е тим лидер во фарбара, а за Van Hool вели дека е динамична компанија во која секој ден носи нови предизвици. Особено му се допаѓа тоа што компанијата вложува во своите вработени и ги охрабрува да бидат дел од голем број активности и настани и надвор од работното време. Прочитајте за искуството на Радован и дознајте како е да се биде дел од тимот најголемата белгиска фабрика во Македонија!
Како дознавте за можноста за вработување во Van Hool, што најмногу ве мотивираше да аплицирате и дали се сеќавате на вашиот прв работен ден?
- За можноста за вработување во Ван Хоол дознав преку лични познанства, со кои денес работиме заедно како тим, како и преку огласите кои се достапни на интернет порталите за вработување и социјалните мрежи.
Голем дел од мојата мотивација беше фактот дека имам можност да фарбам возило од голем тип со обемни површини, како и тоа дека работата ќе ја извршувам со многу поголеми пумпи и гравитациски пиштоли кои не се карактеристични за фарбањето во мали комори за автомобили.
Првиот работен ден го паметам затоа што прв пат се сретнав со фабрика од овој размер, пробував да го разберам начинот на функционирање на секој оддел во фабриката - а најмногу мојот, односно фарбарата. Се запознавав со моите колеги кои успешно ми ги објаснија нивните начини на работа, се со цел полесно да се вклопам во тимот.
Како изгледа работниот ден на еден автолакер?
- Секој ден е многу динамичен и носи нови искуства. Го почнуваме со состанок со нашиот супервизор и сите тим лидери од нашиот оддел каде се прави план, организација и поделба на групи за тековниот работен ден.
Откако целосно ќе го припремиме автобусот и мешањето на бои, го почнуваме процесот на подготовка на боите и фарбање на автобусите.
Помеѓу тие процеси, имаме пауза за ручек каде одмараме, комуницираме и се дружиме со колегите и се припремаме за наредниот процес, кој вклучува печење на автобусите и бојата, како и проверка на квалитетот на избоените површини.
Како Van Hool успева да ги мотивира своите вработени?
- Компанијата се труди преку разни активности и награди да ни даде мотивација и желба за работа. Конкретно ќе го споменам учеството во Бизнис фудбал лигата, каде ни ги овозможија сите средства и услови да се фокусираме на играта.
Освен фудбалските натпревари, се учествува во разни трки, маратони итн.
Потоа како мотивација и еден вид олеснување за вработените е организираниот превоз од својот дом до работното место, како и организираната исхрана.
Со цел да се слушне нашето мислење редовно се организираат состаноци со раководните лица итн.
Од што зависи колку ќе заработува еден автолакер во Van Hool?
- Висината на платата зависи од перформансите на самите вработени кои вклучуваат брзина на фарбање, дисциплина, точност, стручност, прецизност, како и целосното работно искуство и видот на работните задачи и одговорноста. Дополнително, се наградува и редовноста на вработните.
Дали се чувствувате безбедно при извршувањето на вашите работни задачи?
- Веднаш штом пристапите во фабриката може да се забележи грижата за безбедноста на вработените. Опремени сме со лична заштитна опрема, коморите имаат добра вентилација за извлекување на материите кои испаруваат во процесот на фарбање, има добро осветлување, редовно се чисти, а имаме и колега кој е одговорен за безбедност и здравје при работа, кој присуствува на обуки и семинари и е во тек со сите мерки кои треба да бидат превземени со цел подобрување на безбедноста.
Дали работата во Van Hool ви донесе нови пријателства и каде најмногу се дружите со вашите колеги?
- Нови пријателства постојано стекнуваме затоа што има повеќе оддели во фабриката, а со тоа и многу вработени. Најчесто се среќаваме со луѓе со слични или исти интереси, поминуваме време заедно и соработуваме, се дружиме за време на паузата во кантина како и надвор од работното време. За тоа придонесуваат и активностите кои ги споменав погоре.
Дали би им го препорачале Van Hool како работодавач на некој ваш пријател што бара работа?
- Би укажал на добрите работни услови, редовните и навремени месечни примања, почитување на законските норми од страна на компанијата, навреме платените прекувремени часови, фактот дека е белгиска и интернационална компанија со можност за напредок која ги цени своите вработени.
Би им препорачал на младите да се запишуваат на средните стручни училишта со цел да научат одреден занает и би ги советувал да се упорни и да се трудат, со што многу брзо ќе станат добри во својата работа, а со тоа и можност да бидат успешни, и препознаени.
Кои се трите најважни карактеристики што сметате дека треба да ги поседува идеалниот кандидат за вработување во Van Hool?
- Одговорен, трудољубив и посветен.