Сандакот од луксузниот француски бренд “Луј Витон”, стар 150 години, е пронајден кај постар украински пар кој во него чувал пченка за кокошките, без да ја знае неговата вредност.
Александар и Александра Сохранич од Мохнач не можеле ни да претпостават каков историски артефакт чуваат во домот. Сепак, го чувале бидејќи со години им служел за чување на разни работи. Се верува дека овој сандак му припаѓал на некогашното кралско семејство.
Украинските пензионери така со години го преместувале сандакот чувајќи во него некогаш пченка, некогаш кромид и друг зеленчук, додека еден ден нивниот роднина не ги просветлил. Двајцата на почетокот не се ни обидувале да го продадат сандакот, туку веднаш го донеле во локалниот етнографски музеј.
Директорот на музејот, Максим Булах, раскажал дека ја проверил автентичноста на сандакот во бутик на овој бренд во Киев. Тогаш дознал дека сандакот веројатно бил произведен на почетокот на 1880-тите години и дека би можел да чини најмалку 11.000 долари. Тоа би било огромна сума на пари за овие пензионери, но артефактот би можел да донесе многу повеќе пари на аукција, со оглед на тоа дека зад себе можеби има прилично возбудлива историја. Некои сандаци од истиот бренд акукциските куќи ги продале за повеќе од 100.000 долари.
Булах верува дека токму овој сандак паднал од рускиот царски воз кој на подрачјето на Украина излетал од шините во 1888-ма година. Во несреќата загинале околу 30 луѓе, додека наводно цар Александар Трети го придржувал кровот на кочијата со своите раменици за да му овозможи на семејството да побегне. Тогаш успеале да го спасат и сандакот. Меѓутоа, ова е само едно од можните сценарија. Сандакот исто така како трофеј можеби бил донесен дома од советски војник кој ја ослободил Европа од нацистите во текот на Втората светска војна.
Додека чекаат на аукцијата и парите од стариот сандак, Александар и Александра го замениле сандакот со лимен лонец, кој исто така добро ја чува храната за нивните пилиња.