Американскиот гигант Амазон наскоро би можел да влезе на пазарот во Босна и Херцеговина
Најголемата светска компанија за онлајн продажба пред неколку дена закупила два интернет домени во Босна и Херцеговина, пренесува порталот Бука.
Имено, Амазон ги закупил националните домени amz.ba и amzn.ba. Двата домени, кои во иднина би можеле да ги пренасочуваат потрошувачите кон официјалната страница на Амазон, се закупени од страна на европскиот огранок на компанијата – Amazon Europe Core со седиште во Луксембург.
Покрај тоа, Амазон веќе го поседува доменот amazon.ba, кој претходно беше закупен директно од седиштето на компанијата во Сиетл.
Оваа информација, како што пренесуваат медиумите во регионот, може да биде нов показател дека американскиот гигант се подготвува сериозно да влезе на пазарот во БиХ.
Потсетуваме дека пред само неколку месеци, медиумите во Хрватска објавија дека претставници на Амазон биле во земјата и размислувале да влезат на пазарот во соседната земја.
Експертскиот тим на Амазон тогаш ја посети централата на Хрватски пошти во Велика Горица и со тамошните претставници разговараше за можните форми на соработка за испорачување и логистичка поддршка на регионалниот пазар.
Инаку, Амазон, кој доминира на американскиот пазар, е во процес на проширување на глобално ниво. Во изминатите неколку години, компанијата влезе на пазарите во Австралија, Бразил, Мексико и Индија.