Холандскиот парламент во вторникот донесе закон со кој одборите во холандските компании ќе треба да бидат составени од најмалку 30% жени.
Со 87 гласови "за" и 63 "против" беше донесен законот, пренесува Ројтерс.
Компаниите кои нема да го исполнат ова ќе мораат местата на мажите кои ќе го напуштат одборот да бидат заменети од страна на жена. Друга опција е местото да остане празно.
Предлогот им создаде обврска на околу 5.000 поголеми компании да креираат детални планови кои ќе им помогнат да го зголемат бројот на жени во своите одбори.
Во моментов помалку од 10% од холандските компании го исполнуваат условот 30% од нивните извршни и надзорни одбори да бидат составени од жени, додека само 1/3 имаат доволно жени членови во своите надзорни одбори.