Од почетокот на 2015-та година го доби името Конгресен центар „Александар Македонски“, но од тогаш па до денес во него се уште не се изведе ниту една претстава, иако официјално работи.
Има 22 постојано вработени, ангажира дополнителни хонорарни соработници за проектите на кои работи, а од пред две недели доби и нов директор.
Градоначалникот Петре Шилегов најави дека ќе се промени официјалното име и ќе се врати стариот назив „Универзална сала“, а во 2019-та ќе почне реконструкцијата.
„Постојат три проекти за Универзалната сала меѓу кои што дел се неразработени, дел се изведени надвор од каква било постапка и процедура и за нив не се обезбедени финансиски средства. Заради последниот проект кој не се знае од кого е нарачан, Универзална е во тешка финансиска состојба, должи 200.000 евра и нема средства за да го плати. Ги доразработуваме проектите да го најдеме оптималното решение за изградба на салата. Откако ќе биде завршен градежниот проект ќе се знае колку ќе чини“, рече Шилегов.
Централниот регистар на 8 јануари 2015-та изврши промена на името на оваа установа.
Новата концертна сала беше дизајнирана од архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн”. Требаше да има голема сала со 2.500 до 3.000 седишта, мала за камерни изведби со околу 300 места и административни простории.
Универзална сала е привремен објект, подарок на градот Скопје од 20 држави, по земјотресот од 1963 година.
Повеќе од три години е затворена откако почна да се рони таванот.