Просечната нето плата во Хрватска во ноември минатата година беше за 40 куни, или 0.6 проценти, поголема отколку во октомври, додека во однос на ноември 2018 година истата е зголемена за 269 куни или 4.3 проценти, покажуваат најновите податоци од државниот завод за статистика.
Платите во Хрватска бележат постојан раст. Тоа го покажуваат најновите податоци на државниот завод за статистика. Така, просечната бруто плата во ноември минатата година изнесувала 8.877 куни, што е номинално за 0.7 проценти повисока во однос на октомври истатата година и за 4.9 проценти поголема отколку во ноември 2018 година.
Кога растот на платите ќе се прилагоди на стапката на инфлација, нето платата во Хрватска во ноември 2019 година била повисока за 0.7 проценти во однсо на претходниот месец и за 3.6 проценти во однос на ноември една година претходно.
Истото важи и за бруто платите. Имено, нивниот реален раст во ноември 2019 година бил 0.8 проценти на месечна основа и 4.2 проценти на годишно ниво, покажуваат официјалните податоци.
Зголемена е и просечната саатница која во ноември изнесувала 39.13 куни што е номинално за 9.4 проценти повеќе отколку во октомври и за 8.8 проценти повисока во однос на ноември 2018 година. Средната плата, за која се смета дека е пореален показател за платите во земјата, била 5.600 куни.
Порастот на платите во Хрватска првенствено се должи на недостатокот на работна сила во повеќето индустрии, што е повторно резултат на масовната емиграција на луѓето од земјата во поразвиените држави.
Согледано по одделни индустрии, најголема просечна плата во ноември има во воздушниот сообраќај (11.326 куни), а од друга страна, најниска просечна плата е регистрирана во дејноста обезбедување (4.261 куни).