Секој работник има право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда, како и за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, под услов ако се работи за осигурено лице кое има засновано постојан работен однос.
Право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда можат да остварат осигурениците , во случај на:
1. Болест и повреда надвор од работа;
2. Повреда на работа и професионална болест;
3. Лекување и медицинско испитување
4. Негување на болно дете до тригодишна возраст;
5. Негување на болен член на потесно семејство над тригодишна возраст, но најмногу до 30 дена;
6. Неопходно придружување на болно лице упатено на преглед или лекување надвор од местото на живеење;
7. Неопходно придружување на болно дете до тригодишна возраст додека е на болничко лекување, но најмногу до 30 дена;
8. Доброволно давање на крв, ткиво или орган и
9. Изолираност заради спречување на зараза.
Надоместокот на плата во случаите погоре припаѓа од првиот ден на спреченост за работа и трае цело време додека трае спреченост за работа, а се исплатува за деновите за кои се остварува плата според прописите за работни односи.
Услови за остварување на правото на надоместок на плата
Вработените можат да остварат право на надоместок на плата ако се исполнети следните услови за остварување на правото на надоместок на плата согласно законските прописи, и тоа:
1. Ако здравственото осигурување по основ на работен однос траело непрекинато најмалку шест месеци пред настапување на случајот, поради кое се стекнува правото;
2. Придонесот за задолжително здравствено осигурување редовно да е уплатуван или со задолцнување од најмногу 60 дена и
3. Оценката за привремена спреченост од работа да ја дал избраниот лекар односно лекарската комисија на Фондот.
Исплата на надоместокот на плата
Надоместокот на плата за првите 21 ден спреченост за работа го утврдува и исплатува работодавачот од своите средства.
Надоместокот на плата над 21 ден е на товар на средствата на задолжителното здравствено осигурување и го утврдува и исплатува Фондот за здравствено осигурување.
Од првиот ден на спреченост за работа, надоместокот на плата се исплатува од средствата на Фондот ако се работи за нега на болно дете до тригодишна возраст, доброволно давање на крв, ткиво или орган и во случај на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство.
Висина на надоместокот на плата
Надоместокот на плата за време на привремена спреченост за работа поради повреда на работа и професионално заболување, за време на давање на ткиво, крв или орган, како и за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство изнесува 100% од основицата на надоместокот на плата.
Во сите останати случаи надоместокот на плата на товар на средствата на Фондот изнесува 85% од утврдената основица.