Италијанската влада ќе го прошири пакетот мерки насочени кон ублажување на ефектите од епидемијата на коронавирусот врз економијата и општеството, најавувајќи суспензија на обврските за плаќање на режиски трошоци, даноци и рати за кредит
Ова доаѓа откако министерот за индустрија Стефано Патуанели во интервју за Радио Капитал соопшти дека италијанската влада ќе одобри мерки во вредност од околу 10 милијарди евра.
Тоа би значело дека во борбата со коронавирусот ќе бидат потрошени околу 2.5 милијарди евра повеќе од досега планираните.
Според зборовите на Патуанели, првата фаза ќе вклучи суспензија на обврската за плаќање на режиски трошоци, даноци и рата за кредит со цел да се намали притисокот врз домаќинствата и малите бизниси.
Другите мерки ќе бидат воведени малку подоцна, додаде тој.
Како резултат на тоа, буџетскиот дефицит на Италија, искажан во однос на бруто домашниот производ (БДП), најверојатно ќе се зголеми за скоро три проценти.
Тој, исто така, ја повика ЕУ да ги промени своите буџетски правила по кризата, предупредувајќи дека голем број граѓани ќе ги почуствуваат нејзините последици.
Инаку, карантинот во Италија од понеделник на полноќ е проширен на национално ниво и истиот ќе трае до почетокот на април. Мерките беа донесени откако најновите податоци покажаа дека бројот на заразени со коронавирусот продолжи да се зголемува.
Во понеделникот, вкупно 9.172 биле пријавени за заразени, а 463 починале, што ја стави Италија на второто место во светот по бројот на жртви, веднаш после Кина.