Данската влада планира да плати 75 проценти од платата на работниците во приватниот сектор чии работни места би можеле да бидат загрозени од кризата поради коронавирусот, ако работодавците ветат дека нема да ги отпуштат, пренесуваат агенциите.
Претставувајќи план договорен со претставниците на работодавците и синдикатите, данската премиерка Мете Фредериксен на прес-конференцијата во неделата изјави дека владата разбира дека може да се појави потреба да се испраќаат работници дома заради недостиг на работа, но ги повика работодавците да не ги отпуштат.
Планот се однесува на периодот од 9 март до 9 јуни, а максимална субвенција изнесува 23.000 дански круни (3.067 евра) месечно. Компаниите ќе мора да платат за останатите 25 проценти од платата на работниците, пренесува Reuters.
Работниците за возврат ќе треба да земат пет дена задолжителен годишен одмор или пет слободни дена.
Ларс Сандхал Соренсен од данската индустриска конфедерација изјави дека таа мерка ќе им помогне на десетици илјади компании, предупредувајќи дека „многу се наоѓаат во очајна состојба“, објави dpa.