Иако работењето од дома може да изгледа како идеална ситуација, сепак истата може да има и свои недостатоци. За да ја избегнете можноста од нивна појава, најубаво ќе биде да имате направено план за работа и да пробате што е можно повеќе да се придржувате до него.
Запомнете дека за да можете успешно да работите од дома тогаш вие мора да се однесувате како кога би работеле од вашата канцеларија.
Имајте утринска рутина
Создавањето на утринска рутина ќе ви помогне полесно да го започнете работниот ден. Рутината не мора да биде ништо комплицирано. Напротив, таа може да значи пуштање на вашата омилена музика или правење на вашето омилено кафе или чај.
Поставете граници
Работата од дома значи дека ќе имате можност да бидете поблику до вашите најблиски. Во оваа ситуација вашето внимание многу лесно може да ви биде нарушено, па добро би било да најдете соба или одреден дел од станот или куќата каде ќе можете да работите во целосна тишина. Пробјате да избегнувате дружење или зборување додека работите. Изолирајте се колку можете, фокусирајте се на обврските и поставете си цел: нема да станете од столчето додека не завршите одредена задача.
Бидете дисциплинирани
Кога работите од дома многу е важно да останете доследни на вашиот распоред. Гледајте да не заостанувате со обврските, бидејќи на тој начин само ќе си направите мини хаос и потоа ќе ви биде многу потешко да се доведете во ред. Најдобро ќе биде да направите план на обврски што ќе треба да ги завршите и гледајте да исполните што е можно поголем дел од истите.
Облечете се
Можеби звучи чудно, но немојте да работите облечени во пижами. Никој не бара од вас да носите костум и вратоврска, но немојте и да си дозволите да не ја промените облеката цели 3 дена. Станете наутро, измијте се и облечете се во некоја удобна облека.
Правете паузи
Немојте да дозволите да работите непрекинато 6 часа. Направете пауза дури и да станува збор за кратка пауза од 10-тина минути. Излезете на балкон или прошетајте во дворот, направете си кафе или овошна салата. Дајте си мала оддишка пред да продолжите.
Експертите велат дека на овој начин ќе биде многу повеќе продуктивни и ќе успеете да завршите поголем број на обврски.
Завршувајте секогаш во ист период
Кога работите од дома многу лесно е да изгубите осет за време. Лесно може да работите во текот на целиот ден и така да почувствувате дека на работата и нема крај. Во оваа ситуација најдобро е да се однесувате како да сте во вашата канцеларија. Па, така доколку работниот ден ви завршувал во 16 часот, тогаш во тоа време треба да заврши и вашиот работен ден од дома.
На овој начин не би ги одложувале обврските и би се стремеле кон тоа сите обврски да ги завршите на време. Чим часовникот "чукне" 16 часот, затворете го лаптопот и пуштете си некој добар филм.