Угостителството ги живее своите најтешки денови. Превентивните мерки, со кои на рестораните, кафеаните и локалите им е забрането воопшто да работат, го турна на колена угостителскиот сектор. Финансиски штети се бројат секаде во светот, а состојбата многу тешко ја поднесуваат и нашите угостители.
Нема никакви приходи, загрозени се платите на вработените, но и работните места. Се бројат загуби и поминати неработни денови, во очекување кога ќе дојде денот кога работите конечно ќе се вратат во нормала.
Фактор на оваа тема разговараше со менаџерскиот тим на синџирот ресторани и локали „Тренд“, кои се распоредени во најатрактивните локации на главниот град на земјава, и тоа на Плоштадот Македонија, во Аеродром, во Сити Мол, како и ресторанот „Шпајз“ во Дебар Маало.
„Во нашата компанија, во сите ресторани, има околу 150 вработени, бројка што не е за потценување, а најмногу што во ваква ситуација тие не работат, а би требало да се платат. Оттука, со една проста математичка операција, доколку сите овие работници би останале на работа, нашето задолжување за овој месец, односно 30 дена, би значело да исплатиме околу 40.000 евра при неработење. Во една ваква состојба, неминовно е да се размислува за опцијата на откажување на договорите, исклучиво со цел некако да го одржиме бизнисот, за потоа да има повторно каде да се вратат на работа работниците. Во спротивно, и ние ќе останеме без бизнис, а и работниците ќе останат без работа. Да не споменуваме дека и даноците кои се плаќаат на државата не се за занемарување и огромна штета би било овие угостителски објекти да пропаднат и да не придонесуваат во нашиот буџет“, велат менаџерите на „Тренд“.
„Тренд“ склучил и договори за преземање на работници за критичниот период од маркетите во Скопје. На сите вработени им е понудена соодветна привремена работа на друго место, со оглед на тоа дека нивните ресторани не работат.
„Но, мора да кажеме и дека работниците не прифаќаат во ова време да работат други работи. Состојбата и во нашиот сектор е вонредна, но повеќето од работниците сакаат да седат дома и да земаат плата, иако им е понудена опција за работа. Оттука, може да кажеме дека треба да има обострана солидарност, а не целиот товар да се става на работодавците, кои и онака не знаат како ќе опстанат, во една ваква состојба која не знаеме колку ќе трае и со какви последици ќе се соочиме до крајот“, објаснуваат од менаџерскиот тим.
Целиот текст на: