За херојот од Фарските острови пишува цел свет: Благодарение на неговата лабораторија е спречено ширењето на Ковид-19
На Фарските острови, според последните податоци, регистрирани се 184 заболени со коронавирус, но смртни случаеви се уште нема, така што премиерот Бардур Стиг Нилсен најави дека градинките и училиштата ќе бидат отворени на 20ти април.
Најголема заслуга за сузбивање на епидемијата на коронавирусот во оваа автономна данска провинција, според Гардијан, му припаѓа на еден научник кој успеал да ја адаптира својата ветеринарна лабораторија, во која до вчера биле тестирани лососи, во лабораторија за тестирање на луѓе, што помогнало да се реагира навремено.
Архипелагот од 18 острови, кој се наоѓа помеѓу Норвешкото море и немирниот Северен Атлантик, во моментов има само едно лице кое е хоспитализирано поради Ковид-19 и се издвојува од Европа по тоа што нема ниту еден смртен случај.
На 20ти април е најавено отворање на детските градинки и центрите за дневен престој, а на истиот датум основците ќе се вратат во своите клупи. Матурантите исто така ќе се вратат во своите училници, а спортските настани ќе продолжат таму каде што застанале, но без публика.
Локалците и тамошните политичари се согласуваат дека тоа не би се случило да не бил Дебес Кристијансен, директор на Националната лабораторија за рибни и животински болести во главниот град Торшавн.
Уште на почетокот на јануари, д-р Кристијансен ги предупредил властите дека треба да се подготват за можно ширење на коронавирусот. Неговата ветеринарна лабораторија, според официјалните податоци, успеала да тестира 10% од населението, што е најголем процент на направени тестови во однос на другите земји во светот.
Фарските доктори и епидемиолози успеаја навремено да ги детектираат заразените, како и нивните контакти, спречувајќи понатамошно ширење на опасниот вирус. Од оние што се разболеле, 131 биле излечени.
Кристијансен изјавил за Гардијан дека за да се направат тестовите не треба да бидете волшебникот Балтазар.
Едноставно се прилагодивме. Единствено нешто што ни требаше беа состојките за тестирање. Нашата вообичаена работа е да бараме вируси и бактерии кај риби, а во овој случај променивме само три компоненти специфични за коронавирусот, вели Дебес Кристијансен.
Доколку не постоеше неговата лабораторија, направените тестови ќе требаше да се испратат на анализа во Данска, а за добивање на резултатите ќе требаше да помине една недела, а болеста не ќе можеше да се контролира.