Исланд спроведе тестирање за новиот коронавирус на 10 отсто од својата популација, а оваа мала земја од 364.000 жители, почна со тестирање еден месец пред да се потврди првиот пациент на таа територија, пренесува Хина.
Студијата објавена оваа недела во американското научно списание „New England Journal of Medicine“ од исландски научници и локалната компанија Декод Џенетикс (deCODE Genetics), подружница на американски „Амген“, ги прикажа резултатите од тестирањето, почнато на 31 јануари, пред болеста предизвикана од коронавирус дури и да го добие името Ковид-19 и повеќе од еден месец пред да се прогласи пандемијата.
Со програмата се реализирани две кампањи на тестирање. Со едната, опфатени се лица со симптоми слично на оние предизвикани од коронавируси и лица кои се вратиле од најризичните земји или кои биле во контакт со заразените. Тие тестирања покажале дека 13,3 отсто од над 9000 тестирани луѓе биле заразени.
Втората кампања, покрената од Декод Џенетик на 13 март за остатокот од популацијата, тестирани се Исланѓани без симптоми или со благи симптоми кои не биле во изолација. Во таа популација процентот на позитивни случаи се движи меѓу 0,6 и 0,8 отсто.
Студијата откри дека дури 43 отсто од луѓето кои биле позитивни на тетсот немале никакви симптоми или немале во моментот на тестирање.
Анализите покажуваат дека, на почетокот, болеста ја донеле Исланѓаните кои се враќале од Италија и Австрија. Потоа, патници од Велика Британија, пред таа земја да бидат прогласени за ризична, што значи дека вирусот кружел меѓу Британците уште од претходно.