Коронавирусот побрзо ја губи силата кога е изложен на сонце, топлина и влага, изјави официјален претставник на американската влада, сигнализирајќи дека болеста позната како Ковид-19 може да стане помалку заразна во наредните летни месеци.
Американските научници откриja дека вирусот преживува најдобро во затворени и суви простори, а ја губи силата кога температурите и влажноста се зголемуваат, особено кога е изложен на сончева светлина, рече в.д. шефот на Бирото за наука и технологија во рамките на американското Министерство за внатрешна безбедност, Вилијам Брајан.
„Вирусот умира брзо во присуство на директна сончева светлина“, истакна Брајан.
Овој наод ги зајакнува надежите дека короната ќе го следи однесувањето на други респираторни заболувања, како што е грипот, кои обично се помалку заразни при потопли временски услови.
Сепак, има некои случаи каде новиот коронавирус се покажа како смртоносен и во топла клима како што е Сингапур, со што го доведе во прашање влијанието на временските услови врз неговото однесување.
Претседателот Доналд Трамп рече дека новите откритија треба да бидат толкувани со претпазливост.
„Се надевам дека луѓето ќе уживаат во сонцето и, ако има некаков ефект, тоа ќе биде одлично“, истакна тој.