Тоа што на запад е корпоративно правило и синоним за успешност на менаџерите кај нас уште е табу тема – висината на платите на најангажираните лица во компаниите. Но еве и кај нас еден пример дека се почитува Законот за трговски друштва во делот на транспарентни објави на податоци за финансиски примања на членови на органи на управување. Долгогодишниот прв човек на „Македонијатурист“ синоним за македонски хотелиер Доне Таневски лани имал вкупни примања од 137.750 евра.
Доне Таневски, алфа и омега во македонската хотелиерска индустрија, човек што трета деценија раководи со најголемата македонска хотелиерска компанија „Македонијатурист“ лани примил нето годишна плата од 137.750 евра. Ова се официјални податоци достапни во годишен извештај за 2019 година на една компанија во чиј одбор на директори членува Таневски. Таа компанија е пример за транспарентно корпоративно работење затоа што согласно со Законот за трговски друштва ги објави финансиските податоци за нето примањата на сите свои членови на органот на управување со друштвото. Инаку Таневски во таа компанија е акционер и воедно е неизвршен и независен член на органот на управување.
Таневски веројатно е најдобро платениот менаџер во македонската хотелиерска индустрија. Пишуваме веројатоно заради тоа што за жал во Македонија платите на менаџерите во сите сектори се табу тема и генерално „се кријат како змија нозете“. Наспроти нас во западните корпоративни економии платите не се кријат и се мерило за успешност на менаџерите. Во оваа ситуација не може да споредиме со плати на други менаџери на македонски хотели заради тоа што нема јавно достапни податоци. Воедно Таневски е и најголем поединечен акционер во „Македонијатурист“ и поседува 19,6 отсто од акциите со право на глас.
Таневски трета деценија е прв човек на најголемата и многу успешна македонска и скопска хотелска компанија „Македонијатурист“ која управува со пет хотели кои работат во скопскиот регион и тие се: „Холидеј Инн“ и „Бест Вестерн Хотел Турист“ (двата во центарот на Скопје), Хотел „Карпош“, Хотел „Белви“ со својата прочуена летна тераса популарна за свадбени свечености и Хотел „Водно“. „Холидеј Ин“ е најлуксузниот и најугледниот хотел на компанијата и единствен што има категоризација од 5 ѕвездички.
Најголемата македонска хотелиерска компанија „Македонијатурист“ лани оствари добивка од 1,72 милиони евра од своето работење во 2019 година. Оперативната добивка на компанијата е околу 1 милион евра, а останатите над 700.000 евра се финансиски приходи остварени од вложувањата на средствата со кои управува и се во сопственост на„Македонијатурист“. „Македонијатурист“ лани остварила финансиски приходи од 769.000 евра и тоа е за феноменални 39 отсто повеќе од претходната 2018 година. При тоа финансиските расходи на компанијата се минорни и изнесуваат околу 6.000 евра. За особено истакнување е фактот што „Македонијатурист“ нема кредити и по тоа е една од ретките домашни компании. Напротив „Македонијатурист“ има сериозни вложувања во хартии од вредност и во краткорочни вложувања. Вложувањата во хартии од вредност на крајот на 2019 година изнесуваат 5,5 милиони евра, а краткорочните вложувања се на ниво од 16,4 милиони евра. Тие речиси 22 милиони евра вложувања во хартии од вредност и краткорочни вложувања се главниот генератор на финансиските приходи кои на компанија лани и донеле 769.000 евра.