Од понеделник кога ќе почне да се дели априлската плата за судиите, почнува да важи препораката на Здружението на судии за 20 одсто минимална донација од судиска плата во фондовите за борба против Ковид 19.
Здружението на судии им препорачало на своите претставници во судовите да ги собираат и скенираат уплатниците со кои ќе се знае колку уплатиле, потврди за Телма претставник на Управниот одбор на здружението. Сите скенирани уплатници потоа ќе бидат испратени во седиштето во Скопје и таму ќе се пресмета колку е висока нивната солидарност.
Судиите беа под најголема критика откако Уставниот суд ја замрзна уредбата за минимална плата на државните функционери, директорите и судиите за април и мај, а парите над минималецот од 14.500 денари да се пренаменат за борбата со новиот вирус.
Ден по одлуката да се отвори постапка за уредбата во Уставниот суд, Здружението кое ја оспори уредбата донесе одлука и повика сите судии да уплатат како донација минимум 20 одсто од платите кои се високи и над илјада евра.
Оспорените уредби досега не се стигнати до владата која како нивен автор треба да испрати одговор до Уставниот суд пред конечната одлука.
Од Уставниот суд за Телма тврдат дека ден по носењето тие се испратени до владата, а генералниот секретар Драги Рашковски ни тврди дека одлуките се уште не се стигнати.
И додека на Илинденска се чека поштарот, сите над 2000 функционери, судии и обвинители опфатени со уредбата ќе ја добијат целата плата за април и со тоа половина од уредбата веќе нема да има никаква цел.
Извор ТЕЛМА -целиот текст ОВДЕ