Францускиот производител на автомобили „Рено“ се подготвува да објави одлука за отпуштање на 15.000 луѓе ширум светот, како дел од планот за зголемување на профитабилноста по падот на продажбата, изјави портпаролот на синдикатот ЦФДТ по состанокот со раководството на компанијата.
Околу 4.500 работни места ќе згаснат во Франција, но најмногу преку доброволен план за заминување и пензија, изјави претставникот на синдикатот Френк Даут.
Мерката ќе опфати нешто помалку од десет проценти од работната сила на „Рено“, кој има околу 180.000 работници во светот, од кои 45.000 во Франција, пренесе АФП.
Тие инсистираа на тоа дека сè ќе се преговара, рече Даут, додавајќи дека синдикатите и државните органи ќе учествуваат во разговорите за потенцијално укинување на работните места во Франција.
Рено одби да коментира, а извори на компанијата вчера соопштија дека одборот на директори донел план за штедење.
Француската влада, која поседува 15% од акциите на Рено, објави дека нема да и одобри заем од пет милијарди долари на оваа компанија сè додека раководството и синдикатите не постигнат договор за работната сила и фабриките во Франција.
Компанијата наиде на проблеми за време на пандемијата на коронавирусот, што дополнително ги поткопа веќе лошите резултати од продажбата.