Една од најголемите кинески компании активно работи на тестирање на новата 6G мрежа, која ќе опфати копнен и сателитски пренос на сигнали.
Во Кина, кон крајот на ноември 2019 година, Huawei официјално стана првата компанија во светот која започна со развој на 6G мрежа, а на крајот на јануари 2020 година беше откриено колку брза ќе биде 6G мрежата во теорија.
Денес, нешто помалку од шест месеци подоцна, ние сме на прагот на ново тестирање на 6G мрежата, која би можела да биде стандард за следната деценија.
Овој пат, експертите од кинеската компанија Xiaomi ги проучуваат технологиите што ќе ја формираат основата на 6G мрежата. Главниот извршен директор и основач на компанијата Леи Јуен не сакаше да ги открие деталите за прелиминарните тестови, но тој истакна дека важен услов за развој на 6G технологијата ќе биде воспоставувањето широка сателитска интернет мрежа.
Базните станици и сателитите не се доволни. Потребна е терминална поддршка од сите места. Имаме многу истражувања во таа област, но Xiaomi не планира директно да учествува во комерцијалната употреба на аерокосмичкиот простор, рече директорот на компанијата, пренесува Спутник.
Леи Јуин посочи дека пандемијата на коронавирусот и големиот број теоретичари на заговор имаа негативно влијание врз развојот на 5G мрежата, но дека компанијата ќе продолжи да ја развива таа сфера, како и да произведува паметни телефони кои би ја поддржувале мрежата од петтата генерација. Според директорот на кинеската компанија, на крајот на 2020 година, Xiaomi ќе престане со производство на паметни телефони кои поддржуваат само 4G за кинескиот пазар, така што компанијата во моментов прави залихи на овие уреди.
Во наредните месеци, компанијата ќе се концентрира исклучиво на развој на 5G уреди, развој на сателитски интернет и истражување на 6G мрежата. Леи Јуин истакна дека воведувањето на мрежата 5G значително ќе го подобри животот на луѓето.
Во исто време, претставници на руската државна корпорација Ростех изјавија дека развојот на 5G мрежата во Русија може да се одложи за неколку години, доколку државното финансирање, кое е планирано за 2020 година, е намалено за 50 проценти. 5G компании и оператори низ целиот свет се наоѓаат во слични проблеми, сите погодени од негативното влијание на коронавирусот.