Текстилните и кожарските фабрики на подрачјето на Општина Штип нема да смеат да работат за време на престојниот продолжен викенд, одлучи денес Главниот координативен кризен штаб врз основа на барање од Општина Штип, а со цел да се спречи ширењето на корона вирусот.
„Главниот координативен штаб за обезбедување на целосна координација во врска со спречувањето на ширењето на Корона вирусот денес го разгледа и го прифати барањето за воведување на забрана за работа доставено од Општина Штип, односно се забранува издавањето на дозволи за работа за време на викенд за фабриките од текстилната и кожарската индустрија во подрачјето на Општина Штип, односно истите да останат затворени“, стои во извадокот од 67 состанок на Главниот координативен штаб.
Напоменуваме дека за сите останати правни субјекти и економски оператори, маркети и доставувачи на храна на подрачјето на Штип продолжуваат да важат претходно издадените дозволи за движење за време на полициски час.
Уште еднаш, апелираме на строго почитување на протоколите за заштита на работниците при транспортот и на работните места.