На вчерашната седница, владата донесе Уредба со законска сила за финансиска поддршка на естрадните уметници за време на вонредна состојба, за уредување на условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на естрадните уметници погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, за месеците април и мај 2020 година.
Предмет на финансиска поддршка е исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен нето износ од 14.500 денари, а за исполнување на критериумите за користење на оваа финансиската поддршка ќе одлучува посебна комисија во која ќе членуваат истакнати естрадни уметници, соопшти владината прес-служба.
На седницата Владата донесе измени и дополнувања на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, за финансиска поддршка од 14.500 денари за исплата на платите и за месец јуни, согласно критериумите и измените и дополнувањата на оваа уредба.