Вакцината против вирусот „Ковид 19“, која е во фаза на развој, ќе штити од болеста околу една година, соопшти компанијата АстраЗенека, која во моментов спроведува тестови на вакцината заедно со Универзитетот Оксфорд.
Во тек се испитувања за вакцината врз луѓе и се додава дека доколку испитувањата се покажат успешни, ќе се произведат две милијарди дози, пренесува Sky News.
Извршниот директор на „АстраЗенека“, Паскал Сорио, за белгиските медиуми изјави дека првата фаза во Велика Британија е при крај, а втората фаза веќе е започната и дека сега вакцината им се дава на илјадници луѓе.
„Сметаме дека може да заштити околу една година. Ако се оди добро, ќе имаме резултати во август или септември, а вакцината би можела да биде на пазарот во октомври“, рече тој.