Во однос на трети земји, вон Европската унија, Грција има цел да се придржува кон каталогот составен од ЕУ, додека, пак, до 15 јули нема да бидат дозволени директни летови од Велика Британија и Шведска, соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер, по состанокот што Кирјакос Мицотакис го одржа со надлежните министри од неговата Влада во пресрет на отворањето на туризмот на 1 јули.
Според каталагот на ЕУ, граѓаните на Македонија како што објави и „Еуроњуз“ нема да може да патуваат в земјите дел од Европската Унија.
Мицотакис посочил дека „целиот процес на отворање е динамичен и континуирано ќе се оценуваат податоците“.
Станало збор за начините на кои ќе се спроведува тестирањето на посетителите, за протоколите, како и за задолжителната обврска на туристите, 48 часа пред пристигнувањето во Грција да го имаат пополнето специјалниот образец.
Заедничка констатација, како што соопштија од кабинетот на Мицотакис, било дека е направена правилна подготовка на сите нивоа, за да постои максимална безбедност и за посетителите и за локалното население.
На состанокот присуствувале министрите за здравство, за туризам, за дигитална политика, за поморство и островска политика, замениците-министри за здравство, цивилна заштита, за координација на работата на владата, како и претседателот на Националната организација за јавно здравје и професорот епидемиолог надлежен за Ковид-19.