Каизен или “постојана промена кон подобро” е јапонска филозофија фокусирана на континуирано подобрување на квалитетот, технологијата, процесите, бизнис културата, продуктивноста и лидерството. Доаѓа од јапонските зборови kai, што значи промена и zen, од добро кон подобро.
Овој концепт се применува во секој аспект од животот. Во бизнисот, за Каизен може да се каже дека е континуирано подобрување на сите процеси во организацијата преку мали промени во кратки временски периоди, вклучувајќи ги сите организациски членови без разлика на кое хиерархиско ниво се наоѓаат. Каизен е систем во кој се вклучени сите вработени – од извршниот директор до хигиеничарите. Сите можат да дадат предлози за подобрување на работата, како и за решавање на проблемите. За секоја добра предложена идеја која се реализира од менаџментот, предлагачот се наградува, со што се поттикнуваат вработените постојано да даваат предлози за подобрување. Ова не е активност што се организира еднаш месечно или годишно, туку е постојана, на дневна основа. Јапонските компании кои работат врз овие принципи, како Toyota и Canon, годишно добиваат по 60 – 70 сугестии по вработен кои се запишуваат, разгледуваат и имплементираат.
Каизен вклучува поставување на стандарди, а потоа континуирано подобрување на тие стандарди. За поддршка на повисоки стандарди, Каизен вклучува обезбедување на обука, материјали и надзор потребни за вработените да ги постигнат и одржат тие стандарди. Сето тоа се постигнува со почитување на петте главни елементи: тимска работа, лична дисциплина, подобрување на моралот, квалитет и сугестии за подобрување.
Целиот текст прочитајте го на biznisinfo.mk