Во повеќе делови на Грција, меѓу кои и дел од острови што се популарни туристички дестинации, од денеска се воведува ново, ограничено работно време на угостителските објекти, кафулињата, баровите, ноќните клубови и слично, односно ќе треба да затвораат на полноќ, јави дописничката на МИА од Атина.
Мерката денеска стапува во сила и ќе важи до 23 август, а се однесува на регионот источна Македонија и Тракија, на градовите Солун, Лариса, Волос, Катерини, на Халкидики, како и на островите Крит, Крф, Миконос, Парос, Санторини, Родос, Андипарос, Закинтос и Кос.
Алтернативната портпаролка на грчката Влада Аристотелиа Пелони, вчера, соопштувајќи ја мерката, рече дека во зависност од текот на епидемиолошките податоци, забраната може да се прошири и во други делови на земјата.
Со одлуката на Владата, сите угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови и слично во конкретните области забрането е да работат од полноќ до 7 часот наутро.