Дури 60,7% од Македонците на возраст од 25 до 34 години во текот на минатата година живееле со своите родители.
Македонците, во просек, го напуштаат домот на своите родители на 31,8 години, покажуваат најновите податоци на Еуростат. На европско ниво, генералниот просек изнесувал 26,2 години во 2019 година.
Во Северна Македонија, родовиот јаз е прилично изразен, односно мажите значително подоцна го напуштаат домот на своите родители отколку жените, поточно за 7,6 години во просек.
Од земјите членки во Европската Унија, меѓу најмладите кои го напуштаат семејниот дом се оние во Шведска, (17,8 години), Данска (21,1 година) и Финска (21,8 години), како и во Луксембург (20,1 година). Младите до 25-тата година кои се осамостојуваат се оние од Естонија (22,2 години), Франција (23,6 години), Германија и Холандија (по 23,7 години).
Но, младите од ЕУ кои најдолго остануваат во домот на своите родители се оние од Хрватска (31,8 години) и Словачка (30,9 години). Слична е ситуацијата и во Италија (30,1 година), Бугарија (30 години), Малта (29,9 години), Шпанија (29,5 години), Португалија (29 години) и Грција (28,9 години).
Според анализата на Еуростат, најчести причини поради кои младите го напуштаат семејниот дом е живеење со партнер, студирање, како и нивното ниво на финансиска (не)зависност, услови на пазарот на труд, но и различни социјални и културолошки фактори.