Германија се соочува со сериозен недостиг на негуватели. Министерот за здравство Шпан сака да ги пополни овие празнини со работна сила од странство меѓутоа во моментов тоа не е возможно поради корона кризата.
Недостатокот на стручен кадар во здравствениот сектор беше голем проблем во Германија дури и пред пандемијата на Ковид-19.
Министерот за здравство Јенс Шпан изјави дека во здравството недостасуваат околу 50.000 стручни лица, а до 2030 година тој износ би можел да се искачи на 300.000.
Бидејќи ова не е нов проблем, од 2013 година постои програмата “Triple Win” на Центарот за посредувуање на стручна работна сила од странство (ЗАВ) во склоп на Сојузната агенција за труд преку која се регрутираат негуватели од странство.
Во средината на 2019, министерот Шпан сакаше да внесе малку повеќе свежина во офанзивата за вработување на работници од странство. Тој прво отпатува во Косово, а потоа и во Мексико да потпише договори за работа.
Непосредно пред тоа, тој ја основа германската агенција за квалификувана работна сила во секторите здравство и нега (ДеФа). Задачата на оваа агенција е пред се да и го олесни на стручната работна сила влезот и излезот од земјата.
Меѓутоа, поради моменталната ситуација со Ковид-19, доведувањето на работна сила е суспендирано на неодредено време, иако на масата на ДеФа стојат околу 1.300 договори за негуватели од Мексико и Филипини.
Во последните 7 години во Германија пристигнале околу 4.000 негуватели преку ЗАФ, а во оваа бројка не се вклучени работниците кои пристигнале во земјата преку некоја друга агенција.