Кондури, облека, апарати за домаќинство, шминки, електрични апарати, многу производи се нудат на продажба на македонски интернет страници, дел од нив и на социјалните мрежи. Многу работат и во сивата зона. Регулирање на овој дел е само еден од приоритетите кои си ги задала оваа власт а кои треба да ги сработи во иднина за да ја сузбие сивата економија во земјата. Во Акцискиот план за таа намена има и други предлози. Сепак повеќето не се конкретни. Во делот на интернет продажбата се предвидува сите македонски електронски сервиси кои нудат отворање на електронски продавници на нивните домени, при регистрацијата на продавниците ќе мора да бараат даночен број на субјектот кој ја отвора продавницата.
„Со тоа ќе се обезбеди и почитување на Законот за забрана за вршење на нерегистрирана дејност и зголемување на даночните приходи, сметаат надлежните.
Ова треба да се реализира следната година, впрочем во првата половина од годината. Дури се работи и на креирање систематско решение за детектирање на нерегистрирани продавачи на социјални медиуми и преку веб страни и креирање сет на мерки за справување и спречување. Надлежните најавуваат блокирање на нерегистрирани профили на социјалните медиуми кои се наменети за продажба.
Државата ќе го испитува и пулсот кај фирмите зошто влегуваат во сива зона, но планира да прави и кратки видеа со кои ќе ги едуцира граѓаните и фирмите за штетноста на сивата економија.
Анализите на Светска банка покажуваат дека процентот на компаниите што се соочуваат со нерегистрираните или неформални вршители на дејност во Македонија е повеќе од 55 отсто или пред сите други земји во регионот, а процентот на сива економија се движи околу 38 отсто. Согласно податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), учеството на сивата економија во вкупниот економски сектор на Македонија изнесува 37,6 проценти. Според овој податок, земјата е на четвртото место во регионот на Југоисточна Европа.
Присутна е во индустриските и услужните сектори каде трансакциите и плаќањето со готови пари се вообичаен дел од работењето - градежништво, угостителство, транспорт, трговија на зелените пазари, директна продажба преку социјалните мрежи.
Владата во заминување го воведе и проектот МојДДВ во обид да ја намали сивата економија, односно граѓаните да бараат фискални сметки, а субјектите да ги издаваат и да не го одбегнуваат даночењето.