Доколку викендов планиравте да одите на шопинг, ова шопинг правило може да ви помогне. Ви се случува ли да купувате работи кои ги облекувате еднаш или ниеднаш. Ако ви здосади залудно да купувате работи кои само собираат прашина или ви заземаат место во шкафот, се попопуларното шопинг правило 3-7-14 може да ви помогне.
Најголем дел од луѓето веројатно не знаат што е тоа, но доколку почнете да го применувате, ќе забележите дека шопингот ќе ви биде поуспешен, а ниедно парче облека нема да биде залудно купено.
Зад ова правило стои костимографката Џен Рогиен, која стана позната по сериите Girls, Russian doll и Orange is the new black, во кои била задолжена за облеката на актерите. Бидејќи шопингот е нејзина работа, со тек на време ја сфатила тајната на успешното купување и така го осмислила правилото 3-7-14.
Броевите, всушност, ги означуваат деновите, односно временскиот период кој поминал од купувањето на едно парче облека. Значи, бројот 3 означува трети ден од шопингот. Ако купеното парче облека сте го носеле сите три дена од купувањето, голема е верoјатноста дека тоа нема да заврши во некој шкаф, каде што ќе го заборавите. Од друга страна, ако не сте го облекле ниеднаш во првите три дена, веројатно нема ни да ви се допаѓа толку и ќе собира прашина во некој ќош.
Следува седмиот ден од купувањето. Ако за една недела барем еднаш не сте го облекле купеното парче облека, речиси е сигурно дека целосно сте погрешиле што сте го купиле и сте избрале нешто што веројатно воопшто не ви се допаѓа.
Потоа е периодот од 14 дена или две недели од шопингот, а тоа воедно е и најчестиот период во кој во бројни продавници, обични или онлајн, можете да го вратите купеното парче облека. Познатата костимографка истакнува дека ако за три, односно седум дена не сте го облекле она што сте го купиле, треба да го вратите и да си ги земете парите назад или да го замените со нешто друго.
Правилото е многу јасно и едноставно. Кога нешто ви се допаѓа премногу, не можете да дочекате да го облечете. Ако, од друга страна, нешто што сте купиле не ви е ни толку битно, поверојатно е дека нема ни да ја тргнете етикетата од него. Кога ќе се случи тоа, бидете паметни и после две недели вратете го купеното. Така нема да трошите непотребни пари ниту да ги полните шкафовите со работи кои нема да ги облечете.