Времето веќе застуди, температурите особено наутро се ниски, па затоа можеби сега е вистинскиот момент за да ги наместите вашите ПВЦ прозорци во зимски режим, со цел домот да ви остане потопол. Имено се работи за преместување на механизмот на вашите ПВЦ прозорци и врати во зимски режим.
ПВЦ столаријата, особено прозорците и вратите се сè почест избор во нашите домови затоа што лесно се подесуваат и подолго ја задржуваат температурата во домот. Она што е особено корисно е тоа што ваквата столарија има опции за подесување кои во зимскиот период се особено значајни.
Прозорците треба да се подмачкуваат – Металните делови како шарките, бравите, системите за заклучување и кваките се одржуваат така што повремено се бришат и се подмачкуваат. Најмалку еднаш годишно е потребно да ги подмачкате сите подвижни делови од прозорецот.
Подмачкувањето се прави со посебно масло за подмачкување, но ако немате, тоа може да го направите и со обично сончогледово масло. Вашите прозорци ќе ви се оддолжат преку долгогодишното лесно ракување со нив и нивното беспрекорно функционирање.
Вашите прозорци треба да ги подесувате според годишното време
На есен прозорците и балконската врата треба да ги подесите на „зимски“ режим на овој начин:
Отворете го прозорецот и пронајдете го механизмот за затворање. Шрафот на страната каде што се наоѓа рачката, близу металниот дел наречен шарка, треба да го завртите навнатре со „инбус-клуч“. При вртењето со клучот шрафот се врти околу својата оска и на тој начин се регулира потисната сила на рамот на прозорецот и притисокот.
При местењето на овој тип прозорци најчесто режимот кој се остава за користење е стандарден. За да откриете во кој режим се наместени вашите прозорци вметнете лист хартија меѓу прозорецот и рамот и повлечете. Ако листот излезе без проблем тогаш вашите прозорци се наместени во „летен режим“, а ако при вадењето на листот хартијата се скине, тогаш се во „зимски режим“.
Зошто не е препорачливо да ги оставите прозорците само во „зимски режим“ во текот на целата година?
Вие може и така да ги оставите, но набрзо ќе мора да ги промените деловите на прозорецот. Кај „зимскиот режим“ притисокот на гумите за заштита на прозорците е значително поголем. Ако постојано го отворате и затворате прозорецот, како што правиме летно време, гумата целосно ќе се потроши, а за да ја замените ќе треба да повикате мајстор.