Многумина од нас од прва ќе ги препознаат славните анимирани ликови од популарните цртани филмови кои се попопуларни дури и од најпопуларните актерски ѕвезди.
БЕТИ БУП (ХЕЛЕН КЕЈН)
Пред да се појават секси цртани ликови од типот на Џесика Ребит, Бети Буп жареше и палеше на анимираните екрани. Денес е речиси непозната за младите генерации, додека други ја знаат малку и површно, само како опскурна референца на старите цртани филмови.
Но, она што за уште помал број на луѓе е познато е дека Бети била пародија на актерката за која веројатно никогаш не сте чуле – Хелен Кејн.
Кејн била исклучително популарна актерка и пејачка во ’20-те години од минатиот век, а не само што изгледала, туку и звучела исто како Бети. Нејзина позната фраза била „boop oop-a-doop“, па веројатно веќе претпоставувате од каде доаѓа и името на анимираниот лик.
И додека други ја обожаваа, Кејн на почетокот не била воодушевена од својата анимирана верзија. Згора на тоа, ги тужела и авторите на цртаниот лик, но сето тоа на крајот завршило лошо за актерката, па денес повеќе луѓе ја знаат Бети отколку Хелен.
АРИЕЛ (АЛИСА МИЛАНО)
Малата сирена е настаната врз основа на повеќе референци (меѓу кои и Шери Стонер), но главна инспирација била тогаш младата актерка, Алиса Милано. Во времето кога прв пат се појави цртаниот филм, Алиса беше на почетокот од својата кариера и глумеше во хумористичната серија Who’s The Boss на АВС. И додека за Ариел од Алиса беа позајмени очите, карактерот и ситната градба, црвената коса таа ја доби од астронаутката Сели Рајд.
УРСУЛА (ДИВАЈН)
Злобната морска вештерка Урсула, која во погоре споменатиот цртан филм „Малата сирена“ се обидуваше да ја уништи невината Ариел, исто така е настаната врз основа на инспирација од реална личност. Во нејзиниот случај инспирација беше познатиот трансвестит Дивајн, со вистинско име Харис Глен Милстед. Дивајн патот до славата го градеше во раните ’70-ти години глумејќи во филмовите на Џон Вотерс.
Секако, сличноста е очигледна, но Дивајн никогаш не ја гледаше „Малата сирена“ бидејќи почина во 1988 година, една година пред филмот да се појави во кино салите.
ЕДНА МОД (ЕДИТ ХЕД)
Малата стилистка и суперхероина од одличниот цртан филм The Incredibles беше создадена врз основа на уште една легенда – костимографката Едит Хед. Таа во текот на кариерата освои дури 35 номинации за награди за својата работа – од класиките на Хичкоккако Vertigo и Rear Window, до останатите други 430 филма на кои работела.
Едит освои осум Оскари, и баш како и Една Мод, и таа имаше имиџ на тензична личност која тешко дека може да ја наречеме скромна. Имено, во една прилика Едит има изјавено: „Мразам скромност“.
БЕЛА (ШЕРИ СТОНЕР)
Иако многумина сметаат дека Ема Вотсон е одличен избор за младата убавица, првата Бела беше инспирирана од Шери Стонер, која во текот на ’90-те години во Дизни работеше и како сценаристка, но и продуцентка на цртаните серии Animaniacs и Tiny Toon Adventures.
Во текот на својот престој во Дизни, Шери послужи како модел и за Ариел и Бела, во класиката „Убавицата и ѕверот“. И додека Ариел веќе ја споменавме, ред е да кажеме дека Бела доби и некои карактерни особини од Стонер, но и начинот на кој ја трга косата од лицето.
АЛАДИН (ТОМ КРУЗ)
Иако на многумина тоа ќе им звучи како необичен избор, Том Круз реално бил инспирација за ликот на Аладин, не само за изгледот, туку и за карактерот. Имено, аниматорите од Дизни првично планирале да создадат анимирана верзија на Мајкл Џ. Фокс, но на крајот се одлучиле за младиот Том Круз, бидјеќи бил позгоден и посексапилен.
ПОКАХОНТАС (ИРЕНЕ БЕДАРД)
Американската Индијанка, актерката Ирене Бедард, за популарниот анимиран лик Покахонтас не го позајми само својот изглед, туку и гласот. Во цртаниот од 1995 година таа беше главна сила, бидејќи главната хероина од неа го презеде и начинот на кој се движи.
СНЕЖАНА (МАРЏ ЧЕМПИОН)
Денес сите знаат како изгледа Снежана од анимираната вонвременска класика од 1937 година. На крајот, станува збор за култен цртан филм кој послужи како основа за настанување на целокупното царство на Дизни. Она кое многумина веројатно не го знаат е која е Марџ Чемпион – реалниот лик врз чија основа аниматорите ја создадоа Снежана од славната бајка.
Сепак, Марџ о ’30-те и ’40-те години беше доста позната глумица, а дури и позираше за аниматорите кои според неа го создадоа изгледот на Снежана. Инаку, Марџ беше инспирациски модели за Сината вила од „Пинокио“.
МИЛХАУС (ПОЛ ФАЈФЕР)
Веројатно некои од вас се сеќаваат на одличната детска серија „Златни години“? Ако се сеќавате, веројатно веќе ви е јасно кој од ликовите од серијата послужил како инспирација за Милхаус ван Хотен од „Симпсонови“. Секако, станува збор за Пол Фајфер, кој совршено добро го одглуми тогаш младиот Џош Савијано.
Единствена разлика е што Фајфер нема сина коса. Сето друго е исто.
ЛЕШИНАРИТЕ (БИТЛС)
Секој кој ја гледал Дизниевата класика „Книга за џунглата“ од 1967 година веројатно се сеќава на групата лешинари со британски акцент. Референцата на ливерпулската култна рок ен рол четворка е повеќе од очигледна. Славните музичари требаше да ги позајмат и гласовите за овие анимирани ликови, но Џон Ленон одби да учествува во тоа.
За жал, тоа влијаеше и на изборот на песни за цртаниот филм, па Битлс не се најдоа на „саундтракот“.
ЕРИК КАРТМАН (АРЧИ БАНКЕР)
Вечниот мрчатор и буцко од анимираната хит серија South Park можеби со изгледот не потсетува на Керол О’Конор кој го играше Арчи Банкер во серијата All In The Family, но тој лик послужи како инспирација за Картман.
Имено, Паркер и Стоун сметаа дека ликот кој личи на Банкер не би можел да функционира во времиња со пренагласена политичка коректност, но дојдоа на идеја да го сместат во ликот на осумгодишно момче, бидејќи во таква варијанта сè е дозволено.
ПОПАЈ (ФРЕН ФИГАЛ)
Можеби делува нереално, но ликот на Попај е настанат врз основа на реална личност – едноокиот Френ „Роки“ Фигал, кој со анимираниот лик, освен изгледот, ја дели и љубовта кон лулето и тепачките. Авторот на стрипот за Попај, Елзи Сегар, се сеќавал на Фигал од својот роден град Честер, во сојузната држава Илионис.
Оваа посвета му се допаднала на Фигал, па на неговиот надгорбен споменик пишува и „Инспирација за Попај“.
Олива, исто така, беше инспирирана од реална личност – Дора Паскел, комшивка на Сегар, која била висока и слаба жена која косата ја врзувала во пунџа.
Извор: javno.mk