Скоро две третини од Словенците биле на работа минатата недела, а 19 проценти од нив имале барем еден од симптомите на коронавирусот.
Тоа го покажа анкетата спроведена од агенцијата за истражување на јавното мислење „Великон“.
Според истражувањето, 10% од оние кои оделе на работа можеле да работат од дома, но нивните работодавци не им го дозволиле тоа.
Студијата ги истражуваше моделите на однесување на работа и таа беше заеднички проект на „Следилник“ - официјалната страна за следење на епидемијата на Ковид-19, здружението „Млади директори“ и „Великон“. Тие сметаат дека овие модели се клучни во борбата против епидемијата, пренесува СТА.
Во истражувањето спроведено на примерок од 527 испитаници, меѓу кои 293 вработени лица, мнозинството од активните вработени изјавиле дека за време на епидемијата оделе на работа, иако можеле да работат од дома. Помеѓу 9 и 15 ноември, скоро две третини од вработените оделе на работа, а 51 процент од вработените на своите работни места биле секој ден.
Од оние кои оделе на работа, 75 проценти работат работа што не може да се сработи од дома, додека една четвртина од нив можеле да работат од далечина. Во 10 проценти од случаите работодавачот не ја понудил таа можност, додека 14 проценти од испитаниците рекле дека самостојно одлучиле да доаѓаат на работа. Околу седум проценти од испитаниците работеле 50% од канцеларија и 50% од дома. Дополнителни 7 проценти изјавиле дека работеле од дома во поголемиот дел од времето, одејќи на работа само за време на итни случаи.
Официјалната статистика на Словенија покажува дека во септември биле вработени 827.200 лица, па доколку резултатите од оваа студија се применат на целото население, тоа би значело дека околу 142.000 луѓе оделе на работа минатата недела, иако нивната работа од дома не би го нарушила работниот процес.
Авторите на студијата предупредуваат дека загрижувачки е тоа што 10 проценти од вработените кои биле во контакт со заразено лице или имале симптоми на Ковид-19 одат на работа.
Извор: b92.net