Рестриктивните мерки во Грција остануваат на сила до 7 декември во шест часот наутро, соопшти портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас.
Според тоа, карантинот во Грција, која истекува на 30 ноември, ќе заврши една седмица подоцна, а Пецас објасни дека оваа одлука на Владата е поради епидемиолошката слика во земјата.
„Постојат некои први знаци за намалување на бројот на заразените. Доколку продолжи ова темпо, тогаш притисокот врз националниот здравствен систем ќе почне да се намалува. Тогаш ќе можеме да планираме постепено враќање во некаква нормалност. Засега, постоечките рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот се продолжуваат до 7 декември“,
рече Пецас пренесува МИА.
Најзагрижувачка е состојбата во Солун, Серес, Лариса, регионите Магнисиа, Етолоакарнаниа, Ахаиа и островот Лезбос, поради големиот број случаи во однос на бројот на жители.
Вчера во Грција се регистрирани 2 152 новозаразени и 87 смртни случаи за 24 часа. со што бројот на заразени се зголеми на 97 288 лица, а од почетокот на епидемијата починаа вкупно 1 902 лица.