Оваа недела, францускиот парламент усвои невообичаен предлог-закон против дискриминација на луѓе кои зборуваат француски јазик со одреден акцент, а законот предвидува и големи казни, до три години затвор и 45.000 евра, пренесуваат локалните медиуми.
Со 98 гласа „за“ и три „против“, парламентот го усвои предлог-законот со кој се забранува навредување и исмевање на нечиј акцент.
Законот ќе биде додаден на веќе долгата листа на различни форми на дискриминација содржани во Кривичниот закон и Законот за работни односи.
Така, дискриминацијата врз основа на различен јазичен акцент ќе се казнува, како и другите форми на дискриминација - врз расна, етничка и религиозна основа, како и поради сексуална ориентација.
Законот е предложен од пратеник од јужна Франција, Кристоф Узе, а текстот веднаш во првото читање бил усвоен.
Законот има за цел да ја промовира „различноста во изговорот на францускиот јазик и да забрани дискриминација поради акценти, особено во работата“, додаде пратеникот.