Неправилното чување влијае на квалитетот на лековите. На повеќето лекови им пречи светлината, а особено влажноста
Доклку лековите кои ги имате во домашната аптека ја променат бојата, станат кршливи на најмал допир, а во сирупот, инjекциитe или гранулите се појават грутки или зацементиран талог, тоа е сигурен знак дека на лекот или му е истечен рокот на траење, или е неправилно чуван. Доколку се пробие блистерот во кој се наоѓаат таблетите и капсулите, најдобро е таквиот лек да се фрли. Тоа особено важи за лековитите супстанци кои се испарливи и чувствителни на светлина, како што е на пример нитроглицеринот, хормоните и слично.
Неправилното чување влијае на квалитетот на лековите. Температура повисока од 25 степени, како и температура пониска од нула степени, лошо влијаат на лековите. Некои медикаменти мора да се испијат пред истекот на рокот назначен на пакувањето. На пример, кога ќе се отвори шишенце со таблети лингвалети нитроглицерин, тие треба да се потрошат за осум недели. Сите таблети кои не се искористени во овој рок, не смеат да се користат, затоа што се многу чувствителни на влагата и воздухот со кој доаѓаат во допир при секое отворање на шишенцето, а таа влага го намалува дејството на преостанатите таблети.