Од 1 мај досега биле изречени над 128 илјади казни за неносење маска во Македонија. Само во периодот од мај до 23 јуни, во полициската евиденција има заведено 20.327 прекршоци по однос на неносење заштитна маска. Казната за неносење заштитна маска за физички лица е 20 евра, а 2.000 евра е казната за домашни и странски фирми кои не обезбедиле заштитни маски за вработените заради заштита од коронавирус. Ова е предвидено во Уредбата којашто ja донесе Владата на 22 април, а стапи на сила од 1 мај.
„Од воведувањето на мерката за задолжително носење на маска со цел да се спречи ширењето на Ковид-19 до денеска изречени се вкупно 128.849 казни за непочитување на мерката, односно за неносење заштита на лицето“, велат од Министерството за внатрешни работи за Дојче веле.
Доколку државата ги наплати сите казни во просек по 20 евра, на тој начин би можела да инкасира над 2,5 милиони евра поради неносење на заштитна маска. Но, надлежните укажуваат дека немаат конкретен податок колку од изречените казни биле и наплатени, со оглед на тоа дека секој граѓанин поединечно ја плаќа казната. Доколку во рок од осум дена граѓанинот се одлучи да го плати прекршочниот платен налог, тогаш ја уплаќа половината од казнената сума.
„Министерството за внатрешни работи води евиденции исклучиво согласно Законот за прекршоци, односно согласно материјалните закони во надлежност на Министерството. Евиденцијата по однос дали некој платил конкретна глоба или не, се води поединечно, по конкретен сторител на прекршок. Тоа е со цел доколку конкретниот сторител не ја платил доброволно глобата, да се иницира соодветна понатамошна постапка за спроведување на присилна наплата, согласно со одредбите од Законот за даночната постапка“, објаснуваат од МВР.
Најголемиот дел од лицата коишто се казнети, се за неносење на задолжителната маска за лице кога патуваат во исто возило заедно со други лица кои не се дел од нивните семејства. Следуваат прекршоците кај оние кои не држат растојание на отворен простор и најмалку од казните се изречени за оние кои немале маски во затворен објект.
Целиот текст ОВДЕ