Градежниците „слават“ по одлуката на Уставниот суд со која е укината одлуката за забрана за градба на територијата на Општина Центар. Со ова практично е укинат мораториумот за градба во оваа општина донесен во декември 2017 година кога практично беше запрена реализацијата на деталните урбанистички планови на териоторија на општината. Станува збор за 31 план, а за одлуката за мораториум градежните компании имаа низа забелешки.
„Уставниот суд ја укина Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови донесена од Советот на Општина Центар на 27 март 2019 година и го стави вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот, означен во точката 1 од оваа одлука“, се вели во соопштението на Уставен суд.
Одлуката за мораториум на градежните активности на територијата на Општина Центар ја донесе Советот на 27 декември 2017, кога беше запрена реализацијата на 31 детален план.
Инаку Уставниот суд во декември повторно донесе времена мерка за укинување на мораториумот за градба во општина Центар. Тогаш градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ рече дека за десет дена ќе почне постапка за суспендирање на дел од нелегалните урбанистички планови.
Мартин Пановски, поранешниот претседател на Асоцијацијата на архитекти тврдеше дека мораториумот во Центар предизвикал кампања дека градењето е криминал.
„Ова е непоправлива штета за државата која мораториумот спроведен на ваков начин ја направи. Сега на потег е Централната власт да се справи со оваа тешка задача и да ја смени таа слика, бидејќи се надевам им е јасно дека не може економски да опстанеме со ваква политика, изјави тогаш Пановски.