Сè уште не е време за опуштање, изјави Мајкл Рајан, раководител на програмата за итни операции на Светската здравствена организација.
– Навистина сум загрижен затоа што некои луѓе мислат дека најлошото е минато. Тоа не е точно – рече тој на прес-конференција во Женева.
– Ако не бидеме внимателни, можни се трет и четврти бран – предупреди тој.
СЗО ги повика сите да не ги гаснат надежите во напорите за борбата против епидемијата, додека коронавирусот продолжува да мачи многу земји.
Ова предупредување доаѓа во време кога програмата Ковакс, утврдена за поправедна дистрибуција на вакцини, оваа недела конечно овозможи почеток на кампања за вакцинација во земји кои сè уште немаа набавено вакцина.
Испратени се дваесетина милиони дози во дваесет земји. Следната недела, списокот ќе биде проширен на уште 31 земја.
– Ова е напредок што инспирира надеж, но бројот на дози споделени преку Ковакс сè уште е мал – рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус.