Од полноќ Париз и уште неколку француски региони се затворени на еден месец, поради третиот бран на зараза со коронавирус.
Со новото затворање, сепак им е дозволено на книжарниците и продавниците за музички инструменти да продолжат да работат, а учениците можат да одат на училиште. На луѓето им е дозволено да се движат, но само во радиус од 10 километри од местото на живеење.
Синоќа жителите на Париз, во голем број ја напуштија престолнината, пишува „Гардијан“.
Мерките со кои се забранува напуштање на парискиот регион, поттикна многумина да го напуштат Париз и да се упатат кон подрачја со полесни мерки, како Бретања, југозападот на брегот на Атлантикот и Лион на југоисток.
Според Националната железница, возовите за тие дестинации синоќа биле во потполност резервирани.
Бројот на новозаразени на 100.000 жители за една недела се искачи на 450 во поширокиот регион во Париз.
Францускиот премиер Жан Кастекс изјави дека поострите мерки се воведуваат поради забрзаното ширење на вирусот, а ден претходно соопшти дека Франција влегла во третиот бран на пандемијата.
„Дојде време да одиме понатаму со построги ограничувања, онаму каде што работите се најкритични“, рече францускиот премиер.