
Од 1 септември 124 основни и средни училишта можат да почнат со настава во една смена. Со дел од училиштата се уште се разговара, а дел веќе самостојно одлучиле од септември да почнат со едносменска настава, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска.
-Во тек е и анализата што ја прави Министерството за образование и наука, а ни помага и Светска банка, што точно ќе покаже кои училишта имаат можност да работат само во една смена. Според првичните сознанија, уште 50-тина училишта, со доградба на една до пет училници, би можеле да работат само во една смена, изјави Јаневска.
Појасни дека овозможувањето едносменска настава е приоритет на Министерството и додаде дека во следните неколку години ќе се вршат прилагодувања на сите училишта.
-Со тоа ќе се промени и самиот начин на учење и ангажирањето на наставниците, а за учениците ќе значи подолг престој во училиште исполнет со различни дополнителни наставни и воннаставни активности, кои во светот се покажале корисни во образовниот процес, посочи Јаневска.