Реалните плати ќе се зголемат во 2024 година со големи разлики и континуирана нееднаквост, предупреди Меѓународната организација на трудот (МОТ) во годишниот извештај. Лани реалните плати се зголемени за 1,8 отсто, а во 2024 година нивниот раст треба да се забрза до 2,7 отсто.
„Доколку тој тренд се потврди, тоа ќе биде најсилниот раст во повеќе од 15 години“, изјави генералниот директор на МОТ Гилберт Хоунгбо.
„Не смееме да заборавиме дека милиони работници и нивните семејства продолжуваат да ги трпат последиците од кризата со трошоците за живот, што го наруши нивниот животен стандард и дека разликите во платите меѓу земјите и внатре се уште се неприфатливо високи“, предупреди шефот на МОТ.
Во економиите во развој од групата Г20, реалните плати се зголемија за речиси шест отсто минатата година, по растот од 1,8 отсто во 2022 година, пресмета МОТ, додавајќи дека позитивниот тренд треба да продолжи и оваа година. Во развиените економии во групата Г20, реалните плати се намалија за 0,5 отсто минатата година, по падот од 2,8 отсто во 2022 година.
Регионалните споредби покажуваат закрепнување на платите во 2023 година во повеќето региони, со исклучок на Африка, Северна Америка и Северна, Јужна и Западна Европа. Во Африка тие се намалија за 2,4 отсто, во Северна Америка останаа на нивото од 2022 година, а во Северна, Јужна и Западна Европа беа помалку за 0,2 отсто.
Годинава реалните плати се зголемија во просек во сите региони, од 17,9 отсто во Централна и Западна Азија на 0,3 отсто во Северна Америка, пренесува Хина. И покрај повисоките плати, цените сè уште се превисоки за домаќинствата со ниски приходи кои сè уште се борат со зголемените трошоци за живот.
„Инфлацијата стивна, но тоа е сè уште сурова реалност за многу земји во развој и оние во транзиција“, рече Хоунгбо.
Нееднаквоста е намалена од почетокот на векот, но се уште е изразена, па така 10 проценти од најниско платените работници заработуваат само 0,5 проценти од вкупниот износ на платите на светско ниво. Најплатените 10 проценти заработуваат 38 проценти. Нееднаквоста е најизразена во земјите со ниски приходи, каде нешто повеќе од една петтина од работниците спаѓаат во категоријата лица со ниски примања.
Извор: denar.mk